Од вечерва па до 25 мај, Кочани по 45. пат ќе биде домаќин на Драмскиот аматерски фестивал. На локации на отворено, во пет дена и без натпреварувачки карактер, ќе се одржи 58. издание на Драмскиот аматерски фестивал.

На свеченото отворање, закажано за во 20 ч. на Споменикот на слободата, ќе говори Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Репертоарот годинава вклучува десет настани, од кои пет се театарски претстави, еден видеотеатар, а другите се придружни, претежно поетски содржини. Поради примената на протоколите на културните настани, планирани локации за реализација се  Паркот на Револуцијата, фоајето, западната и северната страна на Центарот за култура „Бели мугри“, кафетерија во Трговскиот центар.

Фестивалот ќе започне со претставата „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски, во изведба на Театар Комедија – Скопје. На 22 мај напладне во Паркот на Револуцијата е настапот на Регесаурус Гето Руди и Деана Петревска со љубовна поезија од Пабло Неруда и Ана Бунтеска, а во 14:30 ч., под наслов „Една младост“, ќе се одржи средба со првиот организациски одбор на Фестивалот, одржан во Кочани во 1977 година.

Театарот при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци на овогодишниот ДАФ ќе настапи со две претстави: „Не се клади на Енглези“ во режија на Владимир Ѓурѓевиќ и театарската претстава за деца „Авантурата на принцезата Лили“ во режија на Микица Илова.

За најмладата публика посебно привлечен е настапот на Студиото за актерска игра „Прва проба“ од Скопје, со претставата „Будење“ под менторство на Маја и Зоран Љутков.

Во рамките на 58. ДАФ ќе биде приреден омаж во чест на 100 години од раѓањето на Блаже Конески и промоција на авторска поезија на Христина Илијева.

Фестивалот ќе го затвори Драмското студио „Спотлајт“ од Штип кое ќе ја прикаже претставата „Стјуардеси“ во режија на Ефтим Трајчов-Ѓаурски.