На 6 ноември, од 10 до 14 ч. во Трговскиот центар во Кочани, на парапетниот ѕид спроти кафе-барот „Авангард“, уметниците Блашка и Санда Миеви од Скопје ќе изработуваат мозаик.
Дипломираните мозаичари Миеви ќе работат со помош на талентираните младинци од Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани. Со лично вклучување и поставување на парче мозаик секој граѓанин може да се вклучи во поддршка на мозаикот и на неговите традиции, но и на модерните текови.
Настанот во Кочани е во рамките на проектот „Мозаик – соработка во традиција и современо живеење“ на Здружението на граѓани „Добредојде Маседониа Велкам Центар“ што се реализира во склоп на манифестацијата „Нов културен бран“, во соработка со Министерство за култура и Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани.
Кочани е град каде што се наоѓа најголемиот мозаичен монумент во Европа, Споменикот на слободата, дело на уметникот Глигор Чемерски.