Општинските служби што ја водат постапката известуваат дека од утре започнува увидот на купените велосипеди за кои граѓаните бараат субвенционирање. Барателите телефонски ќе бидат известени за начинот и времето на контролата. Потоа ќе биде изработено решение од Комисијата и на секој барател ќе му се надомести трошок во висина од по 3 илјади денари нето износ.
Со јавниот повик што го објави Општина Кочани, барање за субвенција може да поднесе само едно полнолетно лице од едно домаќинство. Лицето треба да е полнолетен жител на Кочани и да има платен данок на имот за станбениот објект во кој живее.
Целта на оваа мерка од општинската Програма за заштита на животната средина е да ги стимулира жителите на Кочани да користат велосипед како превозно средство, што ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот.