Успешно е реализирана уште една еколошка граѓанска иницијатива. Жители на населбата Усова Чешма засадија 300 млади багреми долж улицата „Мишо Арсов“.

Оваа улица, која неодамна беше асфалтирана, го спојува Кочани преку месноста Пресечена Скала со главниот пат до селото Гратче.

Мотивирани од новата сообраќајница којашто им ја олеснува и скратува комуникацијата со руралниот дел, жители од овој дел на Кочани го озеленија овој потег и од двете страни на улицата.

– Ова е уште еден убав гест кој е за поздравување и кој покажува дека граѓаните се свесни од потребата за чиста и здрава животна средина и даваат придонес за нејзиното создавање во својата непосредна околина – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Во пролетната акција за озеленување на Кочани, беа засадени околу 4 000 садници на различни локации во градот, на опожарена локација на Осоговските Планини и во месноста Пресечена Скала.