Стручните служби од Општина Кочани известуваат дека се поправаат дефектите на шахтите коишто се појавиле во гарантниот период по реконструкцијата на десниот коловоз од улицата „Тодосија Паунов“.
Градежните активности ќе се одвиваат на потегот од Автобуската станица кон новите кружни текови.
Санацијата ќе се изврши во финансиските рамки на реконструкцијата, што значи дека за овој градежен зафат нема да бидат издвојувани нови буџетски средства.
Градоначалникот на Општина Кочани оценува дека граѓаните треба да добијат квалитетни услуги и реализирани проекти, затоа што тие се работат со нивни пари.
– Секој изведувач треба да одговори на преземените обврски. Ние реагиравме на неквалитетната изведба на шахтите при реконструкцијата на десниот коловоз на „Тодосија Паунов“ и следува нивна поправка. Се извинуваме на граѓаните коишто како учесници во сообраќајот ќе бидат изложени на тешкотии во движењето на оваа сообраќајница. Сепак, ова е уште еден доказ дека Локалната самоуправа не отстапува од договорите со изведувачите и ќе ги користи сите правни инструменти за да обезбеди квалитет на проектите што се реализираат со буџетски средства – истакна Илијев.
Според најавите, санацијата ќе трае неколку дена. Се повикуваат учесниците во сообраќајот на зголемено внимание и трпение, со цел да има оптимална безбедност во движењето по оваа улица.