Дваесетина зимзелени дрвја кои се најдоа на удар на изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, од влезот во Кочани се пресадени во кругот на Модуларната болница во Кочани.

По иницијатива на градоначалникот Николчо Илијев, а заради обезбедување природна средина во дворот на новата Модуларана ковид-болница, пресадувањето на развиените дрвја го изврши Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.

– Наша задача е континуирано да се грижиме за зелената маса, како производител на кислород во животната средина. Затоа, со поддршка од изведувачот на експресниот пат,  успеавме овие неколкугодишни дрвја да ги префрлиме во дворот на Модуларниот ковид-центар во Кочани. Сметам дека на тој начин тие ќе бидат природна ограда, којашто ќе штити и од погледите од околината и ќе обезбеди почист воздух – истакна градоначалникот Илијев.

Стручните служби најавуваат соодветна грижа за природната ограда, со цел пресадувањето да биде што поуспешно.

Акцијата за озеленување на Модуларната болница во Кочани е една од низата реализирани во текот на март во Кочани. Нови 500 садници од туја, багреми и јавори беа засадени на улиците „Димитар Влахов“, „Тодосија Паунов“ и во неколку детски паркови. Акциите се реализираа со поддршка од граѓански здруженија од Кочани.