Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев присуствуваше на увидот во изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани, делница Крупиште – Кочани, кој го реализираа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.
Министерот Бочварски истакна дека овој дел од експресниот пат е со должина од 13,7 километри, а инвестицијата е со вредност од 18,2 милиони евра и го изрази задоволството што граѓаните веќе ја возат првата делница од Три Чешми до Крупиште, по нов, модерен и безбеден пат.
Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што се инвестираат 37,3 милиони евра. Вкупната ширина е 11,4 метри, односно ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час.
Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, истакна дека патот се очекува да биде завршен до крај на оваа година.