Јапонскиот амбасадор Хиронори Савада и директорот на Општа болница – Кочани Александар Серафимов го потпишаа договорот за грант со кој  кочанската здравствена установа ќе добие современа опрема за Гинеколошкото одделение во вредност од 47.863 евра.

– Ова е седмиот грант-договор во државата потпишан годинава, а трет во Кочани во рамки на GGP-програмата. Со него Јапонија ќе обезбеди дигитален апарат за ултразвучно и детално набљудување на срцевиот ритам со кој ќе се овозможи висококвалитетна медицинска услуга и брза дијагноза за пациентите. Надминувањето на состојбата со Ковид-19 претставува глобален предизвик, а ние сме среќни што ги поддржуваме токму здравствените институции кои придонесуваат за спасување многу човечки животи во овие тешки времиња – рече амбасадорот Хиронори Савада.

Амбасадорот додаде дека вкупната поддршка од Јапонија преку GGP-програмата достигнува повеќе од 340 илјади евра што е најголем износ досега што бил доделен преку оваа програма од 1996 година до денес.

Директорот Серафимов нагласи дека оваа техничка помош е добредојдена за следење на здравствената состојба на жените.

–  Со новата опрема ќе обезбедиме подобри и посовремени гинеколошки медицински услуги за женската популација, особено за идните мајки, не само од Кочани, туку и од поширокиот регион – истакна Серафимов.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев упати благодарност за поддршката  и изрази надеж за продолжување на успешната соработка со Амбасадата на Јапонија.

– Задоволство ми е што сме во фокусот на Јапонската амбасада, а уште посреќни што народот на Јапонија дел од буџетските средства ги наменува за Кочани и Општа болница. Здравствената криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 ги зголеми потребите на медицинските установи и ја забрза динамиката за одговор на тие барања. Поддршката со медицинска опрема ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги и ќе има значаен придонес за пациентите од Општа болница, кои гравитираат од повеќе општини од регионот – рече во своето обраќање Илијев.

На средба со градоначалникот, амбасадорот на Јапонија искажа можност за позасилена соработка во делот на туризмот и на земјоделството.