Општина Кочани ги исплати субвенциите на 158 граѓани што поднесоа барање и ги исполнија условите за субвенции за печки на пелети и инвертер-климатизери, од мерката за намалување на продукцијата на штетни материи во воздухот кои настануваат од загревањето во домаќинствата.
Според податоците на стручните служби и оваа година доминираат субвенциите за инвертер-клими. За субвенционирање на граѓаните кои се определиле да ги заменат грејните тела на дрва, јаглен, нафта или мазут, со печки на пелети или со инвертер-клими Општина Кочани намени 1.760.000 денари. Висината на поединечната субвенција по барател односно домаќинство изнесува 10 илјади денари.
Првично, во Буџетот на Општина Кочани беа определени средства за 70 субвенции за замена на постојните со незагадувачки грејни тела, но поради големиот интерес и за да одговори на поднесените барања, Советот на Општина Кочани го усвои предлогот на градоначалникот за поддршка на сите што аплицирале за овој вид субвенции и ги исполнуваат пропишаните услови, со што ја зголеми сумата за 130 проценти.
Субвенционирањето на инвертер-климите и печките на пелети е само една од многуте мерки што ги презема Општина Кочани за намалување на аерозагадувањето.
Списокот на субвенционираните граѓани е објавен на веб-страницата на Општина Кочани https://kocani.gov.mk/zivotna-sredina/.