Со воведување во работите на изведувачот, почнува реализацијата на проектот за дворно уредување на Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани.
Според проектот, ќе се уредува дворната површина и од двете страни на училиштето. Просторот ќе добие амфитеатрален амбиент со отворена училница, ќе се постават клупи, пешачки патеки, ќе се засадат дрвца.
Од источната страна ќе биде опфатен целиот простор од влезната врата до самата училишна зграда. Од западната страна ќе се сменат бетонските плочи, ќе се озелени, ќе се постават канти за отпадоци и основи за осветлување.
– По децениско постоење на училиштето, го облагородуваме овој простор, што очекуваме да внесе нова енергија и за учениците и за вработените. Од друга страна, училишниот објект ќе добие нов лик, исчистени и корисни површини – изјави Игор Христов, директор на училиштето „Љупчо Сантов“.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, на средбата со директорот на СОУ „Љупчо Сантов“ Игор Христов и со претставници на изведувачот и надзорот, истакна дека надворешното уредување на Гимназијата доаѓа по извршените внатрешни санации и обновувања, што всушност беше карактеристика за сите училишни објекти во Општина Кочани во изминатиов период од три години.
Проектот се реализира со средства во износ од два милиони денари, обезбедени од ненаменските блок-дотации.