Наредниве два месеца ќе се реконструира дворот на Основното училиште „Малина Попиванова“. Избраниот изведувач, компанијата „Панел М“ го потпиша договорот и е воведена во изведбата на проектот избран од граѓаните како приоритетен на Форумот во заедницата во Кочани.
Дворот чија површина е 10 илјади метри квадратни ќе добие нови содржини: спортско и детско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен и патеки. Целта е да се подобрат условите за социјализација и инклузија на учениците и жителите од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина.
Вкупниот износ на средствата наменети за реконструкција е 3.505.059 денари, од кои 2.690.000 денари обезбедува Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот нa УНДП, „Зајакнување на општинските совети“, а остатокот е учество на Општина Кочани.