Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани почна со копање нов експлоатациски бунар во месноста Грдовски Орман, во рамки на системот за водоснабдување на градот и неколку населени места.

Целата инвестиција чини околу 2,5 милиони денари што претпријатието ги обезбеди од сопствениот буџет, а според планскиот проект бунарот ќе обезбеди нови 30-40 литри во секунда, со што ќе се намали ризикот од прекини во водоснабдувањето за наредните неколку години.

– Новиот бунар е со длабочина од 50 метри и се гради со комплетна инсталација по системот „клуч на рака“. Во моментот капацитетот на бунарскиот систем во Грдовски Орман е 252 литри во секунда, а со новиот бунар ќе ја обезбедиме неопходната резерва, особено за летните периоди. Очекуваме до крајот на октомври градежните работи комплетно да бидат завршени и бунарот да го ставиме во функција – истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Потребата од инвестирање во нов бунар е оправдана и со фактот што за првите осум месеци количината на испумпана вода од бунарскиот систем е  околу 9 отсто поголема во однос на истиот период лани.

Последниот експлоатациски бунар за вода за пиење КЈП „Водовод“ го изгради 2014 година, со кој се обезбедија дополнителни 30 литри вода во секунда и се одговори  на потребите на граѓаните од највисоките зони во градот и во селото Бели.