Одборот за доделување награди на Општина Кочани донесе одлука со која ги прогласи добитниците на највисоките општински награди – за животно дело и за значајни остварувања за развојот на општина Кочани.
Наградата на Општина Кочани за животно дело ќе ја добие Васил Ангелов, културен работник и идеен творец на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“. Во конкуренција за оваа награда беа и предлозите за Божидар Андоновски и Јанаки Наумов.
Наградата на Општина Кочани за значајни остварувања за развојот на Кочани ќе ја понесе актерката Наталија Теодосиева, која Одборот едногласно ја избра од петте предлога во кои беа и за: Благој Зашов, ТППЕ – Кочани, Ружа Стојмилова и Игор Христов.
Наградите на годинешните добитници ќе им бидат врачени на свечената седница што Советот на Општина Кочани ќе ја одржи на Денот на ослободувањето на Кочани, 7 Септември, на Споменикот на слободата.