Од 23 април 2020 г. е задолжително носењето лична заштитна опрема за носот и устата. Тоа може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично.
Носењето е задолжително во сите затворени јавни објекти: државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.
Носењето заштитна опрема на отворено е задолжително на отворени пазари и секогаш кога не може да се одржува минимално растојание од 2 метри од најблиското лице. Ова практично значи дека при движење, низ мешаница на улица, додека се чека јавен превоз со голем број патници на станицата или во слична ситуација, кога е невозможно оддалечување на препорачаната дистанца од 2 метри, носењето заштитна опрема е задолжително.
Заштитната опрема надвор не е задолжителна ако: се престојува во двор на станбена семејна куќа; при возење велосипед или спортување на отворено, при што се одржува дистанцата од минимум 2 метри; при патување во патничко моторно возило со лица со кои заедно живеете и при движење на јавни места и површини од отворен тип каде слободно може да одржува растојание од 2 метри.
Заштитната опрема е значајна за да се спречи ширењето на вирусот, со неа секој се штити лично, а ги штити сите околу него.
Да бидеме одговорни и заедно да го спречиме ширењето на заразата, од сите нас зависи!