Професорките од Катедрата за архитектура и дизајн при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Васка Сандева и Катерина Деспот изработија идејно архитектонско решение за Градскиот парк во Кочани, кое денеска беше претставено пред раководните и стручните служби во Општина Кочани.

Според проф. д-р Сандева, решението опфаќа адаптација на површина кон урбани услови за пасивен одмор, транзитна врска и културни активности. Целта е да се оформи осмислен простор како шеталиште, кое во себе ќе има привлечни содржини и ќе нуди различни можности за посетителите.

Со ова решение е планирано поплочување на актуелниот Градски парк од неговиот северен дел, до мостот кај Шопинг центарот. Реконструкцијата на партерот нема да ги зафати зелените парцели, ниту пак постојните дрвја. Вегетацијата ќе биде дополнета со нови видови грмушести и високостеблести растенија.  

Една од најголемите промени во строгиот центар на градот е изградбата на челичен печашки мост што ќе го поврзува Трговскиот центар со  Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“. Заедно со атрактивната фонтана, во близина на Летната сцена, се очекува ова решение кардинално да го смени ликот на кочанското кејско шеталиште.

Во централниот дел на паркот, паралелно со јужниот влез на Центарот за култура, на површина од 80 м2 се планира фонтана со гејзери. Патеките за шетање околу споменикот на Никола Карев ќе го задржат истиот концепт,  исто како и двете детски игралишта.   

Заклучокот што произлезе од денешната презентација е дека идејното решение е прифатливо и е одлична база што треба да продолжи со реализација, бидејќи е направен спој на актуелноста на паркот со специфичен современ израз кој обединува посетители од сите возрасти. Дискутирајќи за финансиската конструкција, градоначалникот Николчо Илијев истакна дека за мостот „Пријателство“, којшто ќе спојува два фреквентни дела од градот и за фонтаната, очекува поддршка од европските фондови.

Завршницата на градежните активности во Трговскиот центар, кој доби сосема нов, урбан лик и позитивни стручни оцени, ќе има своевидно продолжение со реконструкцијата на Градскиот парк, што естетски и функционално ќе формира модерна целина.

Во наредниот период општинските служби ќе продолжат со изработка на основен изведбен проект за реконструкција на паркот.