По иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, оризопроизводители и преработувачи на ориз денеска одржаа работна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
– Во еден месец ова е трета од серијата средби со земјоделците на кои разговараме за проблемите со кои се соочуваат и бараме соодветни решенија. Локалната самоуправа ги подобрува пристапните патишта до нивите, со Водостопанство „Брегалница“ организираме премостување на вадите и обезбедување непречен премин преку нив. Дискутиравме за повеќе начини на кои ние како локална самоуправа заедно со КЈП „Водовод“ може да помогнеме во собирањето на оризовата слама, со цел да придонесеме во намалувањето на загадувањето на воздухот што настанува со нејзиното спалување – соопшти во изјава за медиумите градоначалникот Николчо Илијев.
Стручните служби од Општината информираа дека е направен увид на состојбата на 12,5 км земјоделски патишта во осум кочански села и најавија продолжување на овие активности.
– Ова е прва иницијатива од градоначалник да се разговара на едно вакво ниво кога станува збор за климатските односно еколошките проблеми што се создаваат од жетвените остатоци. Кога зборуваме за палење на стрништата, зборуваме за палење на целулоза, што со дополнителни активности може да се претвори во добар хумус, а јавните локални претпријатија на тој начин можат да остваруваат и дополнителен приход, а корист ќе имаат и самите земјоделци и животната средина во целост – истакна министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Димковски најави дека Министерството за земјоделство наскоро ќе објави јавна набавка во висина од 50 милиони денари за подружниците на Водостопанство, средства коишто ќе бидат наменети за подобрување на системот за наводнување и одводнување. Целта е сезоната да се пречека подготвено, површините под наводнување да се зголемат, а тоа ќе се постигне со редовни годишни подготовки и редовно одржување.