Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски по повод празникот Богојавление-Водици, присуствуваше на фрлањето на светиот крст во водите на Кочанска Река.

– Денеска е денот, кога сите ние треба да се очистиме од гревовите и кога водите во нашата земја се преобразуваат во свети води и на тој начин потсетуваат на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан – истакна премиерот Спасовски.

Премиерот оцени дека овој празник е ден на љубовта, слогата, заедништвото и потсетува дека сите ние треба да ја обновиме и зајакнеме духовната зрелост, смирено и со љубов да си посакаме добра волја за совладување на сите предизвици што ни претстојат на личен и на колективен план.

– Затоа секој од нас, нека ја прими оваа порака дека заедно можеме да направиме многу повеќе и само со слога и со единство можеме да ги оствариме сите наши заеднички цели за развој и за напредок на нашата држава. Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление-Водици – рече претседателот на Владата во изјавата за медиумите во Кочани.

Премиерот Спасовски, на Горан Зашов, момчето што го фати крстот во Кочанска Река, му подари копија од артефакт од вториот век од археолошкиот локалитет Требениште.