Општината продолжува со примена на мерките против аерозагадувањето во Кочани.
Во тек се засилените, вонредни инспекциски контроли од тимовите што работат во две смени на територијата на целата општина, во градот и во населените места. Вчера одговорните служби извршија увиди на улицата „Тодосија Паунов“, во централното градско подрачје, на улицата „14 Бригада“, потоа кај Фабриката за вода, во Ромското Маало, населбите Трајаново Трло и Усова Чешма и во селата Мојанци, Подлог, Грдовци, Прибачево и Оризари. Службениците постапуваат по констатираните нерегуларности односно по незаконските дејствија и активности што ја загрозуваат животната средина, меѓу кои е и палењето гуми, како и по телефонските повици и пријави што пристигнуваат од граѓаните.
Лабораторијата „Еколаб“ од Прилеп, како избран оператор за дополнително мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во Кочани, ја утврдува состојбата со ПМ честичките и издувните гасови во воздухот на локации детектирани од страна на инспекциските служби.
Според информациите од КЈП „Водовод“, површинскиот третман на Градската депонија е постојан, со истоварување на неколку камиони земја во текот на денот, а наскоро ќе се спроведе и силиконското затворање на критичните позиции од внатрешните согорувања.
– Деновиве имавме повторна средба со Орце Николов, претставник на Граѓанското движење за чист воздух во Кочани, средба на која ја утврдивме натамошната соработка со цел да одговориме целосно на задачите и да придонесеме во намалување на загаденоста на воздухот. Од големо значење е и неодамнешното решение на Државниот инспекторат за животна средина, а нашите апели се сите поединци, институции и компаниите што поседуваат интегрирани дозволи да работат одговорно и совесно – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Од тековните мерки против аерозагадувањето се и контролите на мешаните патроли на Инспекторатот за земјоделство, со противпожарни и полициски служби кои вршат инспекција на земјоделските површини и постапуваат по случаите на палење на стрништата. Проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ во кој сламата од оризиштата ќе се користи за потребите на Пречистителната станица, е уште еден погоден момент за намалување на земјоделската навика за палење на стрништата. Во таа смисла се изработени и едукативни медиумски содржини што ќе помогнат во градењето на јавната свест за намалување на аерозагадувањето.