Со воведувањето во градежните работи на изведувачот „Бетон“ од Скопје почна реализацијата на проектот за изградба на патот што води до манастирот „Пресвета Богородица“ во месноста Добра Вода.

– За оваа сообраќајница имавме барања од поголем број жители на Оризари. Се работи за поврзување на населено со познато излетничко место кое е посетено во текот на целата година, а за време на манастирската слава се собираат неколку илјади верници и гости од регионот и пошироко – изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

– Задоволен сум што дочекавме да се гради патот до нашиот манастир. Иако многу луѓе велеа дека овој пат тешко може да се направи, ете гледаме дека може и за тоа му благодариме на градоначалникот Илијев – рече Стефан Смилков, жител на Оризари.

Изградбата на патот од Оризари до Добра Вода е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, за што беа одобрени 15 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Советот на Општина Кочани во септември минатата година одобри кофинансирање од Општина Кочани во висина од близу 11 милиони денари.

Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од два километри и ширина од 3,5 метри. Планирано е пробивање и асфалтирање на коловозот и поставување на информативни табли и соодветна патна сигнализација.