По иницијатива на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, Советот на 31. седница ја усвои одлуката за субвенции за печки на пелети и за инвертер-клими.
Вкупните буџетски средства наменети за покривање на дел од трошоците што ќе ги имаат граѓаните, изнесуваат 600 илјади денари, а висината на поединечната субвенција по барател односно домаќинство изнесува 10 илјади денари. Субвенционирањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Одлуката на Советот наскоро ќе биде објавена во „Службен гласник на Општина Кочани“, а ќе стапи на сила по осум дена од објавувањето. Од Секторот за правни и општи работи и јавни дејности најавуваат дека јавниот повик за поднесување на документацијата за добивање субвенции за печки на пелети и за инвертер-клими се очекува да биде објавен по 11 ноември и ќе трае до 20 декември 2019 г. Во јавниот повик ќе бидат утврдени условите за учество и пријавување на граѓаните.
Дел од условите што треба да бидат исполнети, се и барателите за субвенционирање за печки на пелети односно инвертер-клими да бидат жители на Кочани со платен данок на имот за станбениот објект каде што ќе биде инсталирана печката односно климатизерот, кои пак треба да ги имаат купено во периодот на траење на јавниот повик.
Градоначалникот Илијев на седницата на Советот соопшти дека доколку се пројави поголем интерес од страна на граѓаните, Општината дополнително ќе интервенира со повеќе средства за субвенционирање со цел да ја намали продукцијата на штетни материи во воздухот кои настануваат од загревањето во домаќинствата.