Советот на Општина Кочани на 31. седница го усвои ребалансот на Буџетот и овозможи 1 милион и 300 илјади денари повеќе средства кои до крајот на годината главно ќе бидат наменети за капитални инвестиции.

Претходно членовите расправаа и за реализацијата на Буџетот за третиот квартал за тековната година. Раководителот на Секторот за финансиски прашања, Дејан Рашков истакна дека вкупната реализација на буџетот е 64 % што во споредба со третиот квартал од 2018 г. е поголема и во апсолутна вредност и во процент. Тековно-оперативните приходи се со реализација од 65 %, а расходите со 76 %.

Членовите на Советот бурно реагираа на веста за неконтролираното црпење на геотермалната вода од познат концесионер. Директорот на КЈП „Водовод“ Андреј Киров  алармираше дека оваа година „Геотерма“ ја започнала со минус 55 м длабочина во подземниот басен, што значи дека може да се случи во средината на сезоната да останат без греење институциите што ја користат геотермалната вода. Советот донесе заклучок, покрај барањето за вонредна инспекциска контрола врз правното лице што ја користи геотермалната вода, да се искористат  и други граѓански форми на реакција.

Советот го усвои предлогот да се издвојат 600 илјади денари за субвенции за печки на пелети и за инвертер-клими со цел да се поттикнат граѓаните да дејствуваат  во општото подобрување на состојбата на амбиенталниот воздух.