Регионалните одбори за управување со отпад на Североисточниот и Источниот плански регион и Општина Свети Николе претставувани од 18 градоначалници во петокот расправаа за етаблирање на заедничкото меѓуопштинско претпријатие за управување со отпад, како прво од овој вид во државата.
Активностите се дел од проектот за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад, што се реализира преку Министерството за животна средина и просторно планирање и општините од овие два региона, со поддршка од ИПА-програмата, односно со средства од Европската Унија.
– На состанокот се дискутираше за учеството и начинот на управувањето со меѓуопштинското претпријатие. Договорено е седиштето да биде во Свети Николе, а основачкиот влог да изнесува 3 милиони денари, поделен меѓу осумнаесетте општини, соодветно според бројот на жителите. Во наредниот период ќе следи затворање на постојните депонии и на меѓународен тендер ќе се избере фирма за спроведување на тој процес – соопшти претседателот на Источниот плански регион и градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Според концептот за управување со еден ваков интегриран регионален систем, отпадот од помалите општини ќе оди на одредена претоварна станица, а оттаму – на регионалната депонија којашто е предвидена да биде изградена во општината Свети Николе, поточно во Мечкуевци-Арбашанци. Кочани ќе биде една од трансфер-единиците односно претоварните станици за комунален отпад коишто треба да бидат изградени. Градската депонија во близината на селото Бели ќе згасне, а комуналниот отпад од Кочани ќе се носи на претоварна станица кај Превалец – Истибања, а оттаму – на регионалната депонија во Свети Николе. Ваквиот начин за управување со отпад ќе придонесе за подобра животна средина, поинаков од денешното несоодветно управување со комуналниот отпад во општините.
Во рамките на овој проект се реализира уште еден што се однесува на набавка на опрема – контејнери за граѓаните и возила за комуналните претпријатија, чие финансирање е со европска помош. Општина Кочани наскоро ќе добие повеќе транспортни комунални возила: едно од 4 метри кубни, едно од 10 и едно од 14 метри кубни зафатнина, како и еден рамен влекач за контејнери, кои ќе бидат ставени на располагање на КЈП „Водовод“.