Викендов во Кочани, на локацијата во населбата Тикешински Лозја се одржа традиционалниот Кочански панаѓур. Во организација на Комуналното претпријатие „Водовод“ просторот беше наменет во забава и трговија, каде и годинава беше регистрирана огромна фреквенција на сообраќај, како од моторни возила, така и од пешаци.

Несоодветниот однос на корисниците на просторот и посетителите на Кочанскиот панаѓур повторно покажа негрижа и некултура од хигиенски аспект.  По завршувањето на настанот и на повлекувањето на тезгите и заминувањето на граѓаните, останаа огромни количини смет, главно најлонски ќесиња, картонски кутии, хартија, кои  некаде го оневозможуваа и движењето на автомобилите по улицата „Скопска“. И покрај садовите за собирање комунален смет што ги постави КЈП „Водовод“ заради   количински зголемената продукција на отпад, состојбата остана традиционално незименета.

Грдата слика утринава ја поправија вработените од Комуналното претпријатие „Водовод“ кои со полн капацитет работна и техничка опрема ја вратија хигиената на околината во нормала. Според информациите на одговорните во ова претпријатие, за расчистување на улиците што водат до овој простор беа ставени во функција два трактора, четири камиона, 20 комунални хигиеничари и друг технички персонал, кои до пладне го собираа ѓубриштето оставено по Кочанскиот панаѓур.