Под мотото „Имаме право на среќно детство“, првачињата од Кочани од денеска станаа членови на Детската организација. Изговарајќи гласно, тие ветија дека ќе ги почитуваат наставниците и возрасните, ќе бидат вредни и трудољубиви во извршувањето на задачите и ќе бидат добри другарчиња. Приемот во Детската организација им го честиташе градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, кој истакна дека токму тие, најмладите се нашето најголемо богатство и нашата иднина.
– Она што треба да го знаете е дека сите имате загарантирани права и сите ја заслужувате неопходната поддршка од нас, возрасните, од семејството, училиштето. Светот останува на вас, а наша задача е да ви ги доближиме вистинските вредности од него, да имате среќно детство. Бидете здрави, успешни и безгрижни. Нека ви е честито зачленувањето во Детската организација – рече Илијев.
По повод приемот на првачињата во Детската организација, во Центарот за култура „Бели мугри“ беше приредена програма во која со свои точки настапија ученици од сите основни училишта од Кочани.