По повод Денот на македонското востание – 11 Октомври, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и делегации од Советот на Општината и од Сојузот на борците од НОВ положија свежо цвеќе на бистите на борците Љупчо Сантов и Раде Кратовче и на Споменикот на слободата.

–  На сите граѓани на Кочани и на нашата држава им го честитам 11 Октомври, Денот на македонското востание. Овој празник е светол историски момент за ослободителна и национална борба, борба против фашизмот и израз на стремежот на сите претходни генерации за слобода на македонскиот народ. Оддавајќи им почит на учесниците во вооруженото и антифашистичко востание, изразуваме почит кон сите борци што ја оствариле денешнава слобода – стои во честитката на градоначалникот Илијев по повод Денот на македонското востание.

Со одлуката од пред 78 години, да пристапи кон антифашистичката коалиција, Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.