Во врска со информацијата за објавени плакати во општинската зграда со повик за учество на трибина, известуваме дека одговорните во општинската администрација преку снимките од видеонадзорот ги открија сторителите на овој чин.
Против нив, согласно законските прописи Одделението за човечки ресурси презема соодветни мерки.
Раководството на Општина Кочани се оградува од нивните дејствија, го осудува секое партиско и неетичко дејствување и ќе побара целосна одговорност од лицата што сториле дисциплински престап, меѓу кои се и високи раководни службеници.
Жалиме што личности меѓу кои се и такви кои треба да бидат столбот на работењето на Општината, не можат да се ослободат од партиските матрици. Ова е уште еден пример за истакнување и наметнување на нивната политичката определба со што ја уриваат довербата на граѓаните во работата на институциите на јавниот сектор. На такви лица кои не се во функција на развојот на Општината, не им е местото во тимот на ова општинско раководство.
Уште еднаш остро го осудуваме ваквото недолично и неетичко однесување, кое сторителите настојуваат да го наметнат како однесување на актуелната власт, за што ќе следуваат соодветни санкции.
Кабинет на Градоначалникот на Општина Кочани