На 27 мај во Кочани се одржа трибина со граѓаните на која беше претставен нацрт-текстот на Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија. На трибината говореа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски и претставничката на Фондацијата Отворено општество Македонија, Славица Инџевска.
Во своето обраќање министерот Николовски ги издвои мерките предвидени во Стратегијата на локално ниво, за рамномерен одржлив развој во сите планирани региони, со посебен осврт кон развивањето на руралните средини, кои веќе се влезени во Националната стратегија за земјоделство.
Директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски, ја искажа својата поддршка за креирањето на ваков документ, кој има за цел да воспостави еднаквост, признавање на сите различности и постигнување на општествена кохезија.
Славица Инџевска, од Фондацијата Отворено општество Македонија истакна дека визијата и целта на фондацијата е опфатена во Националната стратегија, а тоа вклучува зајакнување на капацитетите на граѓаните, нивна активна вклученост и соработка со општините и институциите, како и инклузија на сите различни и маргинализирани групи, потенцирајќи дека мултикултурализмот постои, но она на што всушност треба да се работи е спојување, интеркултурализам и дијалог.
На настанот присуствуваа и националниот координатор за изработка на Стратегијата, Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, претставници од граѓанскиот сектор, културни и просветни работници, активисти кои дискутираа за вклученоста, различните потреби на граѓаните и процесите на заедништво.
Во Стратегијата се развиени анализи и акциски планови во седум различни области, од образование, култура, млади и останатите сфери што беа дискутирани со граѓаните, од кои се очекува силна вклученост.