В понеделник, на 27 мај 2019 година, со почеток во 11 часот во салата на Советот на Општина Кочани ќе се одржи јавна дискусија за нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија.

На настанот воведно обраќање ќе имаат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски и претставничката на Фондацијата Отворено општество Славица Инџевска.

Нацрт-текстот на стратегијата ќе го претстави Ѓорѓи Тасев, координатор на кластерот за млади и спорт во Кабинетот на претседателот на Владата.

Националната стратегија за развој на концептот за едно општество е документ кој прв пат се подготвува во Република Северна Македонија и е од особено значење бидејќи треба да иницира активности и да ги зајакне процесите на комуникација и соработка помеѓу различните култури и заедници во насока на создавање општество кое е фер и правично и ги прави граѓаните подеднакви.

Нејзина цел е да гради општество во кое секој ќе се чувствува како припадник на „едно општество“ и преку неа да се спроведат препораките на меѓународните тела на Обединетите нации, Советот на Европа, Европската комисија, како и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.