По повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани, 56-годишниот кавадарчанец Бошко Илиев, специјалист по спортска медицина, го реализираше својот 103. пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани, во чии води пливаше 1 час и 55 минути.

Условите за пливање беа одлични, со просечна температура на водата од околу 19 степени Целзиусови, а обезбедена беше и соодветна поддршка и придружба од членовите на риболовното  здружение „Кочански рибар“.

– Веќе 20 години се занимавам со пливачки маратон, над 70 пати сум учествувал на натпревари во странство, а останатите се на нашите простори. Маратонот на браната Гратче е петнаесетти по ред во рамки на мојата идеја да ги опфатам сите природни и вештачки езера во државата. Намерата е да го промовирам пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина. Паралелно со тоа, сакам да ги популаризирам природните убавини и туристичките потенцијали на езерата, а верувам дека ќе успеам во целта, со оглед што и покрај возраста сум во одлична физичка и психичка здравствена состојба. Како лекар, но и како продолжувач на традицијата на македонското маратонско пливање, сакам да им порачам на младите да ги користат условите со кои располага нашата татковина и што повеќе да го практикуваат и спортските и рекреативните пливачки активности, истакна Илиев.

Пливачкиот маратон на Гратче финансиски е реализиран со средства од Општина Кочани, при што рамки на одбележувањето на општинскиот празник, градоначалникот Николчо Илијев на маратонецот Илиев му додели благодарница.