Популарниот македонски метал-бенд „Хроматик поинт“ на 25 јули, приреди концерт во Кочани.

На Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ момците од „Хроматик поинт“ се претставија со несекојдневниот спој на енергичен метал и традиционални македонски фолк-елементи, истакнувајќи ја својата инструменталистичката и импровизирачката музичка способност.

Публиката којашто го преферира овој музички жанр имаше можност да ужива во одличниот звук и ритам и да ги препознава фрагментите од „Учи ме мајко, карај ме“, „Не си го продавај Кољо, чифликот“ и од други познати македонски народни песни. „Хроматик поинт“ се претстави и со темите од својот нов албум „Слики од старата куќа“.

Концертот на „Хроматик поинт“ е содржина од манифестацијата „Топол кулутрен бран – 2015“ поддржана од Општина Кочани и од Министерството за култура на Република Македонија.