Започна реконструкцијата на тротоарска површина покрај кејот на Кочанска Река. На површина околу 850 метри квадратни, стариот асфалтен слој ќе се замени со бехатон плочки. Градежните работи ќе се одвиваат на потегот од Шопинг-центарот до Мултукултурниот центар и ќе траат десетина дена.

Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за управување и располагање со градежно земјиште соопшти дека ова е продолжување на активностите од минатата година, со кои е реконструиран тротоарот од Паркот на револуцијата до Шопинг центарот.

– За оваа година планирани се околу 1.900 квадратни метри за реконструкција. Овој тротоар е широк околу 4 метри, а до Мултикултурниот центар имаме околу 210 метри. Покрај оваа, планираме реконструкција и на тротоарот по улицата „Димитар Влахов“, на влезот во Кочани – рече Димитров.

Остатокот од оваа пешачка зона, од Мултикултурниот центар до Плоштадот се очекува да се реконструира наредната година.

Покрај реконструкцијата на тротоарот, клупите покрај кејот на реката ќе се заменат со нови.