Претставници од седум младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување, денеска станаа членови на Иницијативниот одбор на млади.
– Со формирањето на Иницијативниот одбор, започна постапката за основање на Локалното собрание за млади, која е утврдена со Законот за младинско учество и младински политики. Иницијативниот одбор се формира само еднаш, за одржување на конститутивното Локално собрание за млади и по успешно одржување на првата конститутивна седница на собранието се распушта, односно му престанува мандатот. За неколку денови, Иницијативниот одбор во соработка со Општина Кочани ќе го распише јавниот повик за номинирање членови на Локалното собрание за млади – соопшти Славица Давиткова од Одделението за правни работи во Општина Кочани.
Главната цел на Младински совет е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општината, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на носење одлуки.
Иницијативниот одбор ќе го води основањето на локалниот младински совет, ќе работи на креирање на структурата на телата и на промоција на потребата од младинско организирање и младинско учество на локално ниво.
Капацитетите на Локалниот младински совет ќе бидат зајакнати преку обуки помогнати и поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.