Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска присуствуваше на настанот со кој беше означено обновувањето на производствениот процес во фабриката за рециклирање хартија „Пејпар мил“ со сите 120 вработени, фабрика во која беше инсталиран нов вреќест филтер на оџакот и придружна опрема за спречување на аерозагадувањето.
На настанот на кој присуствуваше и вицепремерот за економски прашања Фатмир Битиќи беше соопштено дека неодамнешните мерења на квалитетот на воздухот што ги направила независна, акредитирана и светски позната лабораторија, покажале вредности што се за четириесет пати пониски од законски пропишаните.
– Пред неколку месеци граѓаните со право протестираа против загадувањето на воздухот, а менаџментот на компанијата имаше слух, прекина со производството, но ги задржа сите 120 работници, кои повторно се вратени на работа. Ова е охрабрување, не само за оваа фабрика, туку и за сите останати во државата, кои се свесни и кои работат во интерес на граѓаните, Владата е овде да ги поддржи. Сопствениците од Бугарија го сфатија проблемот, вложија дополнителни средства и проблемот е надминат – истакна Битиќи.
Генералниот директор на „Пејпар мил“ Јулијан Даскалов рече дека е во тек третата и последна фаза за комплетирање на пречистителната станица за отпадни води којашто треба да биде завршена во текот на оваа година.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев оценува дека преземените мерки од страна на компанијата дале одличен резултат: граѓаните имаат чиста животна средина; фабриката работи, а вработените се вратиле на своите работни места.
„Пејпар мил“ собира и рециклира хартија со капацитет од 14 илјади тони годишно, а со најавените инвестиции се очекува да ја собира целата отпадна хартија во државата, со што дополнително ќе влијае на заштитата на животната средина.