Општина Кочани е во најтранспарентните институции во државава на вкупното рангирање според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации, со годишно подобрување од близу 15 %.

„Активната транспареност на Општина Кочани во 2021 година изнесува високи 93,1 % (од можни 100 %) со што се наоѓа во групата институции со ‘многу добра’ активна транспареност, кои ги исполнуваат обврските од 80 до 100 %. Со овие бодови општината се наоѓа на високата седма позиција од вкупно 98 рангирани институции. Оваа општина од Источниот Регион постојано ја подобрува својата активна транспарентност од 2018 година наваму и изби на првото место во својот регион“.

Ова е описот за постигнувањата на Општина Кочани во областа на активната транспарентност објавен на веб-страницата на Центарот за граѓански комуникации.

Трета година по ред на прво место меѓу регионите е Источниот Регион, којшто ланските 68 % просечна активна транспарентност годинава ги зголеми на 74 %. Лидерската позиција во Источниот регион ја презеде Општина Кочани.

Во деталната анализа на активната транспарентност за 2021 година стои дека за првпат во шест години, проактивното објавување јавни информации од институциите, односно нивната активна транспарентност, според градацијата на нивоата, се искачи од ’просечна‘ во ’добра‘.

Истражувањето за активната таранспареност е направено од Центарот за граѓански комуникации врз основа на податоците што институциите ги имаат објавено на своите веб-страници, врз основа на законските обврски што ги имаат за објавување информации од сфери кои се од важност за граѓаните и кои влијаат врз нивните животи и работењето. Во оваа смисла, земени се предвид, пред сè, обврските што произлегуваат од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и обврските од други закони што се однесуваат на трошењето јавни пари.