Претставници од надлежните институции вклучени во реализацијата на проектот за реконструкција, извршија технички прием на подновениот објект.

– По реконструкцијата објектот изгледа прекрасно. Општина Кочани како партнер во проектот имаше свое кофинансирање и ќе продолжи да го кофинансира со негово опремување и воспоставување на систем за греење и ладење – соопшти Зуица Ангелова, в.д. директорка на Центарот за развој на Источниот плански регион.

Градежните работи почнаа во март-април оваа година и завршија во уреден рок.

Со проектот, објектот има комплетно нов водовод, канализација и електрична инсталација, ПВЦ-врати и прозорци, термичка фасада, нови подови и осветлување, сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација. Променет е  кровот, во внатрешноста се отстранети старите слоеви на ѕидовите и се изградени нови тоалети.

– Ставањето во функција на овој објект ќе даде нова димензија културата и граѓанскиот активизам во Кочани – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Реконструкцијата на Мултикултурниот центар е проект финансиран од Европската Унија, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА-програмата за прекугранична соработка. За обновување на некогашното Старо кино во Кочани се наменети 260 илјади евра, од кои 70 илјади евра се учество од Општина Кочани, а 15 % се од Министерството за локална самоуправа. Останатите средства се од Европската Унија.