Државниот инспекторат за животна средина интензивно работи на спречување на загадувањето од фабриката „Пејпар мил“ во Кочани и доколку наскоро состојбите не се променат, можно е нејзино затворање.

Ова го соопшти директорката на Инспекторатот, Ана Петровска на денешната работна средба со градоначалникот Николчо Илијев, нагласувајќи дека граѓаните не треба да се сомневаат за некакви компромиси во битката за чиста животна средина.

– Со последното мерење од почетокот на декември се утврди дека се надминати дозволените вредности, односно беше докажано дека котелот на пелети не може да се користи со постојниот систем за пречистување на отпадните гасови и дека мора да се преземат одредени мерки. Од следните резултати ќе зависи дали и понатаму „Пејпар мил“ ќе може воопшто да работи, односно ако има отстапување од дозволените параметри ќе биде задолжен, наместо со пелети, да работи на метан. Ако тоа не е можно, ќе наредиме престанок на функционирањето на инсталацијата – изјави директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.

– Градоначалникот, како институција, дејствува според законите. Сметам дека здравјето е на прво место и сите заслужуваме чиста и здрава животна средина. Нашите реакции за отстранување на долготрајниот проблем со загадувањето на воздухот во Кочани се секојдневни. Не сум против работата на стопанските субјекти. Наш интерес е стопанството да функционира, но само во рамките на законот. Затоа, повторно повикувам, фирмата од каде се констатирани емисии на штетни гасови, да работи според интегрираната дозволата што ја поседува, а надлежните да контролираат и соодветно да реагираат – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Градоначалникот нагласи дека локалната самоуправа, во рамки на своите законски надлежности, презема мерки за намалување на причините за аерозагадувањето: го спречи чадењето на Градската депонија; субвенционира набавка на печки на пелети и инвертер-климатизери и го поддржува проектот за спречување на палењето на жетвените остатоци.

На барање на членот на Советот на Општина Кочани, Сашко Стефановски, на следната седница,  в среда, на 30 декември, Општина Кочани ќе даде извештај за преземаните активности и применетите мерки во борбата против аерозагадувањето.