По повод 20 Мај, Денот на македонските пожарникари, Територијалната противпожарна единица – Кочани изведе тактичко-показна вежба во која го претстави специјалното возило за интервенции на големи височини.

– Со оваа вежба прикажавме симулација на запален стан и спасување лице на околу 20-ина метри, односно на шест нивоа. Вежбата ја изведовме со специјалното возило „скала“ коешто е донација од нашата пријателска словенечка општина Крањ. Сакам да изразам јавна благодарност на градоначалникот Николчо Илијев, кој покрај финансиската и материјалната поддршка што ни ја дава, тој неодамна директно се вклучи во гасење пожар на семејна куќа, со што покажува колку ја почитува нашата професија и сака во секој момент да помогне на секој наш сограѓанин – соопшти Благојчо Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Градоначалникот Илијев, честитајќи им го празникот на пожарникарите им се заблагодари за претставувањето на возилото кое е едно од ретките во државата што  овозможува интервенции на висококатници.

– Со нашата грижа кон Територијалната противпожарна единица, даваме до знаење колку е важна Единицата и за нашата општина и за регионот. Во изминативе 3,5 години сериозно ја поддржувавме пожарникарската дејност и Единицата со опрема, облека, обувки, со цел таа да биде целосно опремена и способна за дејствување – изјави Илијев.

По повод празникот, градоначалникот Илијев за најуспешен пожарникар од ТППЕ- Кочани го прогласи Димитар Граменов.

Заблагодарувајќи се за наградата, Граменов истакна дека е горд што е награден по стекнато поголемо искуство и посака Единицата и понатаму да ги извршува обврските сериозно, тимски и посветено, како и досега.