Денеска градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, придружуван од директорот на КЈП „Водовод“, Иван Иванов беа во посета на Пониква, каде се сретнаа со концесионерот кој стопанисува со ски-лифтовите и механизацијата, за на лице место анализираат што е направено и што се прави за успешен старт на скијачката сезона.
Снежната покривка на Осоговските Планини по автоматизам го зголеми интересот кај љубителите на зимските спортови и на рекреативците да го посетат спортско-рекреативниот центар Пониква. Согледувајќи ја ваквата ситуација, Општина Кочани се погрижи туристите да можат да ја посетат Пониква во што поголем број и притоа да ги имаат сите предуслови за беспрекорен претстој.
-Концесионерот кој стопанисува со ски-лифтовите број 1 и број 3 е подготвен да ги дава своите услуги. Патот од Кочани до Пониква е исчистен, а во моментот се работи на расчистување на паркинг просторот околу објектите на МВР и локацијата „Аеродром“, за овозможување повеќе паркинг места и прифаќање што е можно поголем број туристи. Во исто време КЈП „Водовод“ направи напори да ги исчисти контејнерите, да ги подготви сите останати комунални услови за да пружиме пристојна атмосфера за сите потенцијални гости. Затоа, во оваа прилика ги поканувам сите кои се заинтересирани да дојдат и да уживаат во убавините кои ги нуди оваа планинска убавица – истакна градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.
Покрај ски-лифтовите и патеките кои се целосно подготвени, максимална спремност за прием на посетителите искажуваат и сопствениците на угостителските и сместувачките капацитети, кои очекуваат голем наплив на туристи од повеќе градови во околината.