Во организација на невладината организација „Двојна надеж“, а во присуство на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, како и претставници од воспитно-образовните институции од Кочани, вчера во Мултикултурниот центар во Кочани со почеток во 10:30 часот се одржа работилница  за запознавање и утврдување на превентивни  протоколи за препознавање на рани фази на зависност од марихуана и синтетички дроги кај младите лица.

-Проектот има за цел како да се превенира за да се заштитат младите од употребата на дрога, конкретно на марихуаната и синтетичките дроги, затоа што во последно време подемот на марихуаната и синтетичките дроги се повеќе е присутен кај младите. Проектот се одвива во повеќе етапи за да се анимира локалната заедница и да се подигне свеста за меѓусебна соработка помеѓу училиштата, центрите за социјални работи и за јавно здравје и локалната полиција. Се спроведува во четири града и оваа е втора работилница во Кочани – истакна Надица Петрова, претседател на здружението Двојна надеж – Штип.

На настанот градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов ја истакна поддршката на Локалната самоуправа во борбата против зголемената употреба на дрога и ги поддржа ваквите работилници кои носат општо добро на заедницата.

Работилницата е во рамки на проектот „Градење на еластични заедници на пролиферација на марихуана и синтетички дроги во училиштата“ која се реализира преку Глобалната иницијатива против организираниот криминал (GIATC).

-Идејата е и да ги анимираме локалните капацитети со цел да создадеме отпорна заедница на дрога, како и да ги идентификуваме причините за заканите кои доаѓаат од употребата на синтетичките дроги и марихуаната. Конкретно овие дроги се најдостапни кај младите и создаваат голема заблуда кај нив, а од она што досега го имаме сработено можам да кажам дека податоците се фрапантни, бидејки границите за употреба се значително смалени на девет и десет годишни деца. За време на Ковид пандемијата нашето истражување покажа дека се појавуваа сериозна фреквенција на продажба и набавка на вакви дроги преку интернет – истакна Методи Хаџи-Јанев, професор по организиран криминал и корупција при УГД.