Столе Ефтимов од Кочани, член на Борачкиот клуб „Лирија“ од Скопје ја доби стипендијата за спортист-спортска надеж што ја додели Општина Кочани за остварени спортски резултати во 2019 година.
На Ефтимов во следните шест месеци, од февруари до јули ќе му биде исплаќан месечен износ од 3 илјади денари.
Во конкуренција за спортската стипендија годинава беа уште две пријави, од кои едната беше отфрлена поради тоа што, според Правилникот, стипендијата не може да се додели на ист спортист двапати едноподруго, односно во две последователни календарски години.
Столе Ефтимов во 2019 година беше државен првак во борење слободен стил на Македонија за јуниори, во категоријата 86 кг. Во ноември минатата година, го освои првото место и на Меѓународниот турнир во борење „Адем Јашари“ во Косово, во категоријата до 92 кг, а беше и вицешампион на Јуниорскиот балкански шампионат, во категоријата до 92 кг. Борачката федерација на Македонија неодамна му го додели признанието „Најдобар борач во Македонија во категоријата јуниори за 2019“.
Општинската стипендија за спортист-спортска надеж има за цел да ги поттикнува младите од Кочани да спортуваат и да остваруваат значајни спортски резултати.