Советот на Општина Кочани ја одржа 52. редовна седница на која од триесетината точки на дневен ред, во фокусот на расправата се најде работењето на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.
Членовите на Советот се интересираа за начинот на креирање на цената на водата што ја испорачува „Водовод“, за работењето на Пречистителната станица, а даваа предлози и за формирање ново јавно препријатие што ќе извршува дел од актуелните услуги на „Водовод“.
Директорот на „Водовод“ Андреј Киров, образложи дека цената на водата се определува согласно постојната законска регулатива, од страна на Регулаторната комисија, според соодветна методологија и врз база на финансиски документи од работата на претпријатието. Регулаторната комисија предложила рамка за цената на водата во Кочани, КЈП „Водовод“ ја доставило најниската предложена цена, којашто е усвоена со одлука на Советот. Киров истакна дека со таа цена „Водовод“ е на границата на опстојување и секое нејзино намалување ќе го доведе кочанското комунално претпријатие во загуба и ќе ги исклучи можностите за инвестирање.
Членовите на Советот дискутираа за потребата од завршување на акумулацијата Речани, која ќе ги намали големите трошоци за струја што ги плаќа „Водовод“ и ќе го реши трајно прашањето за цената на водата.
– Имаме формирано ново одделение, а сме со помалку вработени од 2017 година. Повеќе сектори на „Водовод“ работат 24 часа: Фабриката за вода, бунарите во Грдовски Орман, Геотерма, Препумпната станица, а 106 од 226 лица се на минимална плата. Со поддршка на швајцарските консултанти наскоро ќе правме функционална анализа, што очекуваме структурно да го реши прашањето со вработувањата – објасни Киров пред членовите на Советот.
Советот на Општина Кочани одобри субвенционирање на жителите на Кочани во трошоци за велосипед, а членовите предлагаа подобрување на велосипедската инфраструктура низ градот и населените места.
Градоначалникот Николчо Илијев одговараше на прашања на неколку советници поврзани со измени во патната инфраструктура во населбата Бејрут, уредување на пешачко-велосипедски патеки во месноста Бавчалук и за заштита на одделни традиционални градби во централното градско подрачје. Советничката Татјана Лазарова Осоговска побара информација за бројот на незапишани деца во училиште и можностите за нивниот опфат врз основа на Правилникот за запишување во училиште на деца со надмината возраст.