Изградбата на земјоделски патишта во Кочанско е пред почеток. Претпријатието „Калина“ од Оризари е изведувач којшто ќе работи на порамнување, тампонирање, подобрување на тлото и изградба на пропусти на 14 км полски патишта.

– Поддршката во подобрувањето на земјоделската инфраструктура на подрачјето на Кочани е една од мерките на единицата на локалната самоуправа со која се создаваат услови за полесна работа на земјоделските производители, со крајна цел – да се намали палењето на жетвените остатоци. Наша цел е да помогнеме во надминувањето на проблемите при собирањето на сламата со примена на добри земјоделски практики.  На тој начин се стремиме кон помало загадување на воздухот и зачувување на животната средина – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

На овој начин Општина Кочани се вклучи со конкретна поддршка на препораките произлезени од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка – „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“  што минатата година се спроведуваше во рамките на Програмата за зачувување на природата.

Според планирањата, ќе се градат земјоделски патишта во катастарските општини Кочани и Оризари, односно во Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци и на неколки локации во Прибачево и во Тркање.

За изградбата на 14 км земјоделски патишта се наменети 2.419.012 денари од Буџетот на Општина Кочани.