Членовите на Советот на Општина Кочани ја одржаа 37 редовна седница, на која го усвоија буџетскиот календар за 2016 година, Програмата за управување со отпад на подрачјето на Кочани за периодот од 2015 до 2018 година и Програмата за дополнување на програмата за работа во областа на располагање со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Кочани за 2015 година.

На дневен ред пред Советот се најде и информацијата за почетокот на учебната 2015/2016 година во основното и средното образование во Кочани, во врска со која опозициските советници апелираа за измена на идното планирање на Буџетот во поглед на средствата што се однесуваат на образованието.

– Сакам да потсетам дека блок-дотациите недостасуваат за работата на образовните институции, па овојпат да мислиме така што планираното и реализираното да не се разидуваат, посочи советничката Лилјана Арсова.

Советникот Љупчо Стојилков предложи проект за субвенционирање на велосипеди како превозно средство за учениците во Кочани, со што би се намалиле големите сметки за превоз и би се придонело во заштитата на животната средина. Стојилков побара испитување на јавното мислење по овој предлог.

Советот даде зелено светло и за Годишниот извештај и програмата за работа на Детската градинка „Павлина Велјанова“ за воспитната 2014/2015 година.

На крајот на седницата, градоначалникот Ратко Димитровски одговараше на советнички прашања.