Градежната оператива на изведувачот „Еуро-инг“ од Гевгелија започна со асфалтирањето на улицата „Димитрија Лазаров“, една од десетте чие уредување се изведува со заемот од Светска банка.

– Започнавме со асфалтирање на улицата „Димитрија Лазаров“ што е со должина од 217 метри и со широчина од 5 метри. Утре ќе продолжиме со асфалтирање на улицата „Разловечко востание“ и на дел од „15 Македонски корпус“ која е долга 230 и широка 5 метри – изјави Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани.

Претходно, на улицата „Димитрија Лазаров“ беше поставен систем за собирање на отпадните фекални и атмосферски води, како една од обврските што Општината ги презеде со реализацијата на проектот за изградба и асфалтирање на улиците.

Според одговорните во Секторот за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани, доколку дозволат временските услови се очекува до крајот на годината да се завршат половина од планираните улици во Кочани и една во населбата Оризари.