Советот на Општина Кочани ја одржа четиринаесеттата редовна седница на која работеше по 27 точки од дневниот ред.
Членовите на Советот ги усвоија полугодишните извештаи за реализација на Програмата за работа во областа на располагање со државно градежно земјиште и за работењето на комуналните редари во општинската администрација, предлог-одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Кочани, годишните планови за вработување на СОУ „Љупчо Сантов“, ООУ „Раде Кратовче“ и на ООУ „Малина Попиванова“.
Советниците ги прифатија Иницијативата за изменување и дополнување и Предлог-статутот за изменување и дополнување на Статутот на Општина Кочани, измените на Годишниот план за вработување на Општина Кочани за 2022 година и Годишниот план за вработување на Општина Кочани за 2023 година, како и Програмата за работа на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, во врска со која побараа со следниот ребаланс да се обезбедат најмалку 300.000 денари од Буџетот на Општина Кочани за функционирање на ДПД – Кочани.
Усвоен беше и Извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за II квартал од тековната година. Во образложението за него беше истакнато дека во овој временски период капиталните расходи на основниот буџет се реализирани со 49 проценти, што е показател за одлично извршување во однос на вкупниот буџет.
Советот не ја усвои измената на одлуката за основање јавно претпријатие за стопанисување, поставување и одржување на јавното осветлување, но даде согласност на Статутот на јавното претпријатие „Светлина Ко 2022“ – Кочани. Едногласно ја повлече предлог-одлуката за долгорочно задолжување на Општина Кочани во деловна банка, за средства наменети за изградба на платформа за паркирање кај Трговскиот центар блок А, со заклучок за организирање поширока расправа со конструктивни предлози за определување локации за паркирање.
Советот го прифати предлогот за воспоставување меѓуопштинска соработка со општините Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Кочани, Карбинци, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип и Чешиново-Облешево и го именува Венцо Бојков за член во заедничката комисија за подготовка на актите за воспоставување на оваа соработка.
Членовите на Советот дадоа согласност за намена на инвестицијата и го утврдија како приоритет проектот „Изградба на пристапен пат до земјоделско земјиште во Оризари, м.в. Мал Мишјак“, со заклучок до 31 август оваа година да се формира Комисија за утврдување критериуми за реализација на инфраструктурни проекти.
На 14. седница Советот одобри примање донација од Друштвото за производство, промет и услуги ВТ Продакшн од Скопје; донесе решенија за измени во составот на неколку комисии согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите и одлучи работното време на угостителските објекти во Кочани да се продолжи за два часа на 10 и на 11 јули 2022 година, по повод празникот Петровден.