Советот на Општина Кочани ја одржа десеттата редовна седница на која донесе одлука за основање јавно претпријатие за стопанисување, поставување и одржување на јавно осветлување. На расправата по оваа точка градоначалникот Љупчо Папазов ја истакна итноста од основањето на ова претпријатие, со чија работа очекува заштедите да бидат поголеми од трошоците.

Членовите на Советот ги усвоија годишните извештаи за работењето на Центарот за развој на Источниот плански регион и за реализација на Програмата за развој на Источниот плански регион за 2021 година; измената на Годишниот план за вработување за 2022 година и на Годишниот план за вработување за идната година на ОУ „Свети Кирил и Методиј“; како и измените и дополнувањата на програмите за јавно осветлување за 2022 година, за изградба на објекти за домување на лица во социјален ризик и за активностите од областа на локалниот економски развој.

Советот го усвои и Извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за првиот квартал, кој во првите три месеци од 2022 година е реализиран со 22,61 %.

Програмата за изменување на Програмата за изградба и одржување на општинските патишта и улици не ја доби мнозинската поддршка, поради што од дневниот ред на 10. седница беа повлечени четири точки поврзани со ребалансот на Буџетот на Општина Кочани за 2022 година.

Претседателот на Советот Лазо Митев ја закажа следната седница за вторник, 3 мај, во 17 ч. Поради укинатите здравствени мерки и протоколи за заштита, седницата ќе се одржи во Венчалната сала, каде е инсталирана и опремата за пренос на седниците во живо.