Советот на Општина Кочани ја одржа третата редовна седница, на која првичниот предлог-дневен ред се прошири на 12 точки.

Членовите на Советот ги усвоија: Извештајот за финансиското работење на КЈП „Водовод“ за периодот од 1 јануари до 30 септември 2021 г.; Годишниот план за вработување во КЈП „Водовод“ за 2022 година; Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за изградба  на системи за водоснабдување на подрачјето на општина Кочани за 2021 година; Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација на подрачјето на општина Кочани за 2022 година; Предлог-одлуката за измена и дополнување на Одлуката за долгорочно задолжување на Општина Кочани во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги.

Мнозинството во Советот го утврди за приоритетен проект со кофинансирање изградбата на улицата „Јордан Зафиров“ (ул.’546’) и реконструкцијата на улицата „Роза Петрова“ од ул. „554“ до крстосувањето со ул. „Ристо Симеонов“ (дел 1)“. Исто така донесе Решение за изменување на Решението за формирање стручна комисија за процена на штети предизвикани од пожарите што се случија во август на подрачјето на општина Кочани, со кое тричлената Комисија ќе работи според новата методологија за проценка на штетите. Советот едногласно го прифати предлогот да се проверат финансиските можности на Општина Кочани и да се исплати процентуално еднаква отштета на зафатените со пожарот.

Едногласно, членовите на Советот донесоа одлука за директен пренос на седниците на Советот на Општина Кочани на социјалната мрежа Фејсбук, а ја прифатија и иницијативата на Жаклина Филипова-Свеќаровска за изготвување правилник за  утврдување приоритети за асфалтирање улици.

Одговарајќи на советнички прашања, Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, посака конструктивна работа на Советот во насока на подобрување на квалитетот на животот во општината и решавањето на прашањата од јавен интерес.