Излагајќи ги планирањата за 2021 година, секретарот на Општина Кочани Александар Јосифов истакна дека овој буџет е школски пример според начинот на подготовката, буџет кој ги отсликува реалните потреби на граѓаните и во чие креирање директно е вклучена јавноста. Според Јосифов, за 2021 г. се планирани рекордни 190 милиони денари во основниот буџет, што е 70 % зголемување во однос на 2020 година.
Советничката опозиција изрази револт поради отсуството на медиумите во следењето и пренесувањето на седниците, што резултира со нетранспарентност во работата на Советот. Членовите на опозицијата истакнаа дека буџетот е одлично среден, но тие се незадоволни што не можат нивниот придонес да го пренесат до јавноста и до нивните гласачи, поради што нема да гласаат за новата распределба на средствата од општинскиот буџет.
На седницата се расправаше и по информацијата за преземаните општински активности за заштита од аерозагадувањето во Кочани. Беше нагласено дека целокупната документација, сите дописи до надлежните институции се објавени и на веб-страницата на Општина Кочани. Советниците побараа преземаните дејства да дадат резултат и да се планираат повеќе средства за заштита на животната средина.
На крајот, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев го имаше традиционалното годишно обраќање пред членовите на Советот, во кое направи пресек на досегашното работење и реализираните проекти.