Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев на редовната, 50 седница на Советот излезе со извештај за работењето за годината што завршува.

– Изминативе три години бележиме постојан раст на капиталните инвестиции. Во 2018 г.   реализиравме 53 милиони денари од основниот буџет, во 2019 г. – 91 милион денари, годинава – 117 милиони, а за 2021 г. се планирани рекордни 190 милиони денари во основниот буџет или 70 проценти повеќе од 2020 г.

Ликвидноста на општината,  домаќинското работење, соработката со централната власт и нејзиниот слух за потребите на Кочани, користењето на другите извори на финансирање придонесоа да реализираме значајни инфраструктурни проекти: реконструирани се објектот на Мултикултурниот центар, ски-лифтовите на Пониква; обиколницата на влезот на Кочани; десниот коловоз од улицата „Теодосија Паунов“;  локалниот пат од „Антура“ до селото Мојанци; дел од Осоговските Планини е прогласен за заштитено подрачје. Изградени се 8 км патишта во руралните делови: Оризари – Добра Вода; Крушка – Ајдар; Крушка – Полаки (втора фаза); „Енгелсова“, „Мишо Арсов“); улици во селата Долни Подлог, Мојанци, Тркање, Прибачево, Оризари. Со експропријација на објекти, улицата „Стево Теодосиевски“ ја прошируваме со уште една сообраќајна лента; на улиците „9 Мај“, „Илинденска“, два крака на „Маршал Тито“, „4 Македонска бригада“, „Плачковица“; бетонирани се улици во Ромското Маало.

Во 2021 ќе добиеме нова детска градинка, планинарски дом, експресен пат кон главниот град. Нѐ очекува изградба на Старечки дом, акумулација во месноста Арамиска Чешма; замена на 2,2 км од потисниот цевковод од системот за водоснабдување; реконструкција на канализациската мрежа во Оризари и Тркање; уредување на коритото на Кочанска Река, изградба и реконструкција на повеќе од 30 улици во градот и населените места – истакна Илијев во своето обраќање.

Градоначалникот ја нагласи борбата против аерозагдувањето и воопшто заштитата на животната средина како еден од врвните приоритети за Кочани, бидејќи, како што рече,  здравјето нема цена.

Посочувајќи ја 2020 како година што останува под знакот на пандемијата и здравствената криза, изрази сочуство до загубените животи и до сите кои страдаа борејќи се со Ковид-19.

На крајот на обраќањето повика на одговорно празнување и посака многу здравје, мир и успеси во 2021 година.