Советот на Општина Кочани ја одржа осмата редовна седница, на која ги усвои сите точки што се најдоа на дневниот ред: завршните сметки на општинските основни и средни училишта, на Детската градинка „Павлина Велјанова“ и на Библиотека „Искра“. Беа усвоени и Годишниот план за вработување во СОУ „Гошо Викентиев“, за 2023 година; извештаите за реализација на програмите за уредување на градежно земјиште, за изградба на фекална и атмосферска канализација; за изградба на системи за водоснабдување; за располагање со градежно земјиште; за јавно осветлување и за изградба и реконструкција на речно корито на Кочанска Река за 2021 година.

Советот донесе одлука за сопствено учество во проектот „Изградба на препумпна станица за дел од системот Висока зона на притисок на град Кочани“, а  со одлука одобри 100 илјади денари од постојаната буџетска резерва за 2022 година да бидат наменети за помош на загрозените во војната во Украина.

Членовите на Советот дадоа зелено светло за изменување на Програмата за изградба на објекти за домување на лица од социјален ризик за 2022 година, а ги усвоија и Завршна сметка на Буџетот на Општина Кочани за 2021 година,  Годишниот извештај на Општина Кочани за 2021 година и Буџетскиот календар за 2022 година.

По едночасовна пауза, Советот ја продолжи и седмата седница, од чиј дневен ред беа повлечени четири точки поврзани со работата на КЈП „Водовод“. Советот даде поддршка на предлогот за организирање јавна трибина во врска со загаденоста на воздухот, водата и почвата, како последица од работењето на фабриката „Пејпр мил“ – со заклучок, трибината да се реализира најдоцна до 31 март оваа година.